Friday, May 17, 2013

Одредување на крвните групи


Пред да се изврши дарувањето на крв потребно е да се одреди крвната група на дарителот, воедно и пред да се изврши трансфузијата на крв потребно е да се одреди на која крвна група и припаѓа примателот.
            Одредувањето на крвните групи е многу одговорна работа. Секоја, и најмала грешка може да биде фатална. По правило се врши во специјални лаборатории, но исклучоци има во итни случаи кога мора брзо да се изврши одредувањето на крвната група на плочка. Одредувањето го вршат стручно обучени медицински лица.
            Во принцип, одредувањето на крвните групи е да се одреди дали има, и кој аглутиноген се наоѓа во испитуваните еритроцити. За таа цел постојат два стандардни серуми од крвните групи „А“ (анти-B) и „B“ (анти-А). Тест серумот А е добиен од крв што и припаѓа на крвната група А. Овој серум содржи β аглутинини. Ако настане аглутинација на испитуваните во овој тест серум, тоа е сигурен знак дека во еритроците е присутен B аглутиногенот. Тест серумот B (анти-А) е добиен од луѓе со крвна група B. Во серумот на оваа група е присутен α аглутининот. Тој дава аглутинација доколку во еритроцитите е присутен А аглутиногенот.


Одредување на стаклена плочка:  
На стаклена или порцеланска плочка се става една капка од тест серумо(анти-А), а на другиот А (анти-B). Потоа, се додава по една капка крв чија крвна група сакаме да ја одредиме.  Со едниот крај на стаклена прачка се промешува крвта со серумот на едниот, а со другиот крај серумот со капката крв од вториот крај на плочката. По кусо време се гледа дали настанала глутинација. Аглутинацијата може да се забележи и со голо око, меѓутоа многу е посигурно контролата да се изврши под микроскоп. Таму каде не настапила аглутинација еритроцитите се одвоени и рамномерно распоредени. На местото каде што дошло до аглутинација еритроцитите се насобрани во вид на црвено обоени купчиња.
  • ·         Ако аглутинацијата на еритроцитите настапила само во тест серумот B (анти-А), тоа значи дека во испитуваните еритроцити е присутен А-аглутиногенот, што значи дека испитуваната крв и припаѓа на крвната група А.
  • ·         Ако настане аглутинација само со тест серумот А (анти-Б), тогаш во еритроцитите е присутен B-аглутиногенот, а испитуваната крв и припаѓа на крвната група B.
  • ·         Ако настане аглутинација и со двата тест серума A (анти-B)  и B (анти-А), тоа е знак дека во испитуваните еритроцити се присутни двата аглутиногена А и B. Според нивното присуство крвта се класифицира во крвната група АB.
  • ·         Ако во ниту еден од тест серумите не настане аглутинација, значи дека во крвта нема аглутиногени и таа крв припаѓа на крвната група О.



Компатибилност за трансфузија на крв


Трансфузија на крв претставува давање на крв од еден човек на друг. Може да биде директна (кога крвта од дарителот директно се преточува во циркулаторниот систем на примателот) или индиректна (кога се користи конзервирана крв добиена обично од доброволни дарители).
            Резус факторот (антиген кој се наоѓа на површината на еритроцитите), заедно со А и B антигените, ја сочинуваат главната шема која се користи во класификацијата на крвта според нејзината компатибилност за трансфузија.
            Единките со AB крвна група ги поседуваат и двата антигена (А и В) на мембраната на нивните еритроцити, и нивниот крвен серум не содржи антитела кои би се бореле против А или В антигенот. Според ова, единка со АВ крвна група може да прима крв од било која друга крвна група (преферирајќи АВ), но може да дава крв само на единки со АВ крвна група.
            Единките со А крвна група го имаат само А антигенот на мембраната на еритроцитите. Нивниот крвен серум содржи IgM антитела кои дејствуваат (т.е. се борат) против В антигенот. Според ова, единка со А крвна група може да прима крв само од единки со А или О крвна група (преферирајќи А крвна група), а може да дава крв само на единки со А или АВ крвна група.
            Единките со В крвна група го поседуваат В антигенот на мембраната на нивните еритроцити. Нивниот крвен серум содржи IgM антитела против А антигенот. Според ова, единка со В крвна група може да прима крв само од единки со В или О крвна група (преферирајќи В), а може да дава крв само на единки со В или АВ крвна група.
            Единките со О крвна група (која кај нас и во некои други држави се означува како нулта, а во други со буквата О) ги немаат А и В антигените на мембраната на еритроцитите, но нивниот крвен серум содржи IgM анти-А антитела и анти-В антитела кои дејствуваат против А и В антигените. Според ова, единка со О крвна група може да прима крв само од единки со О крвна група, а може да дава крв на сите останати крвни групи (А, В, О или АВ).
            Доколку при трансфузијата Rh негативно лице прими Rh позитивна крв, тоа ќе се сензибилира од Rh антигенот и ќе започне да продуцира Rh антитела (антирезус-аглитинини). При повторна трансфузија на Rh позитивна крв ќе настане аглутинација на внесените еритроцити од страна на антителата создадени со претходната трансфузија на крв.    

Наследување на крвните групи и Rh факторот



            Крвните групи се наследуваат според Менделеевите закони за наследување.  Во текот на животот крвната група останува непроменета, ниту може да се промени со дејствување на било кој фактор.
            Крвните групи се наследуваат од двата родитела. Денес се познати вкупно 29 човечки системи од крвни групи кои се признаени од МЗКТ (Меѓународно здружение за крвна трансфузија).
Аглутиногенот А и Б се наследуваат доминантно, додека отсуство на аглутиногенот во крвната група О и аглутинитите α и β се наследуваат рецесивно.
Покрај антигените од АБО системот денес се познати голем број антигени  (M, N, S, P) кои (слично на Rh факторот) можат да бидат причина за редица имунолошки реакции меѓу мајката и плодот и создавањето на хемолитичкото заболување на новородените. Имунолошките компликации можат да се јават при повторна трансфузија на несоодветна (инкомпатибилна) крв. Кај О група, алелните гени синтетизираат нефункционален ензим, па не се создава антиген.
            Многу бремени жени носат фетус кој има различна крвна група од нивната, така што мајката може да формира антитела против феталните еритроцити. Понекогаш овие мајчини антитела се IgG, мал имуноглобулински протеин кој може да ја премине плацентата и да предизвика хемолиза (растворање, разорување) на феталните еритроцити, што води до хемолитичко заболување на новороденчето.


            Rh факторот се наследува доминантно. Во случај мајката да е Rh-, а таткото Rh+, плодот доминантно го наследува Rh антигенот.   Меѓутоа, доколку жена која е Rh негативна и маж кој е Rh позитивен добијат бебе, постои опасност тоа бебе да има здравствени проблеми. Бебето кое расте во Rh негативната мајка може да има Rh позитивна крв наследена од таткото. Инкомпатибилноста во Rh обично не претставува проблем доколку мајката е за прв пат бремена, бидејќи, освен ако постои некое нарушување, крвта на фетусот во нормални услови не влегува во мајчиниот циркулаторен систем во текот на бременоста.
            Но, за време на породувањето, крвта на мајката и бебето можат да се измешаат. Доколку ова се случи, телото на мајката го препознава Rh протеинот како туѓа супстанца и може да започне да произведува антитела против Rh протеините вметнати во нејзината крв.
            Други патишта на кои бремената жена може да биде изложена на Rh протеинот и кои можат да предизвикаат производство на антитела се крвните трансфузии со Rh позитивна крв, недоносеност и ектопична бременост.
            Rh антителата се безопасни сè до втората или натамошна бременост на жената. Доколку таа некогаш носи друго Rh позитивно дете, нејзините Rh антитела ќе ги препознаат Rh протеините на површината на бебешките крвни клетки како туѓи и ќе преминат во крвотокот на бебето, напаѓајќи ги тие клетки. Ова може да доведе до појава на отоци и кршење на еритроцитите на бебето. Хематокритот притоа може многу да се намали, состојба позната како хемолитичка болест на новороденчето (Rh заболување или erythroblastosis fetalis).

            Заболувањето се манифестира со силна изразена анемија и жолтица на плодот кои обично доведуваат до фетален крај, до умирање на плодот и негово предвремено раѓање. Ако плодот се роди жив кај него се забележуваат тешки последици во централниот нервен систем.  За превенција на erythroblastosis fetalis  се внесуваат анти Rh имуноглобулини или Rh0-GAM, на мајката во текот на бременоста, или                                             за  кратко време  по породувањето. Ваквите готови антитела ги врзуваат антигените со што се спречува активноста на нејзиниот имунитетен систем да создава нови антитела (имуно супресија).

Класификација на крвните групи



        Крвната група претставува класификација на крвта која се базира на присуството или отсуството на наследени антигенски супстанци кои се составен дел на мембраната на еритроцитите, наречени крвногрупни антигени, кои определуваат одредени својства на овие клетки. Овие антигени (аглутиногени) се состојат од протеини, кои се носители на антигенската особина, моносахариди (d-глукоза и е-фруктоза) и аминошеќери, како што се d-глукоземин и d-галактоземин. Некои од овие антигени се исто така присутни на мембраните на некои други типови на клетки. Неколку од овие антигени од еритроцитите кои потекнуваат од еден алел (или блиску поврзани гени) заедно формираат систем од крвни групи. Постојат голем број на крвни групи, а од нив најважни се АБО и Rh крвните групи. Во АБО крвногрупниот систем се А, Б, АБ и О, а тоа се четирите главни крвни групи кои се наоѓаат на еритроцитите на човекот.
Секојa од четирите крвни типови додатно се класифицира според присуството на друг протеин на површината на еритроцитите кој укажува на Rh факторот. Повеќето луѓе (околу 85%) се Rh позитивни.
            Крвта кај луѓето може да се класифицира на една од четирите основни крвни групи од  АБО системот. Крвната група се одредува според присуството, односно отсуството на антигени во клеточната мембрана на еритроцитите и од присуството на антителата во крвната плазма.
  • ·         Луѓето, кои во еритроцитите имаат А аглутиноген и припаѓаат на А крвната група. Во плазмата на овие луѓе присутен е β (анти Б) аглутинин.
  • ·         Доколку во еритроцитите е присутен Б аглутиногенот се работи за Б крвна група. Во плазмата од оваа крвна група присутни се α (анти А) аглутинини.
  • ·         Ако во еритроцитите се присутни и двата аглутиногена (А и Б) се работи за АБ крвна група. Во плазмата луѓето од оваа крвна група немаат аглутинини.
  • ·         Кај О крвната група нема аглутиногени во еритроцитите, меѓутоа, во нивната крвна плазма присутни се и двата аглутинини ( α- анти А и β- анти Б).
Класификација на крвните групи според АБО системот


Откривање на крвните групи и Rh факторот


Откривање на крвните групи и Rh факторот

·         Откривање на Крвните групи
Главните крвни групи биле откриени на почетокот на 1900 те години, а пред тоа трансфузиите на крвта, кои биле неопходни за спасување на животот на ранетите,  понекогаш предизвикувале мистериозни смртни случаи.  Затоа во некои земји, поради големиот број на смртни случаи, трансфузијата на крв како терапевтско средство со закон била забранета. Всушност причината за смртноста била предизвикана од некомпатибилноста на различните крвни групи.
Суштината на трансфузионите компликации во основа ги решил виенскиот лекар Карл Ландштајнер, на самиот почеток на XX век (1901 год.). Тој открил во крвта на здравите луѓе материи што предизвикуваат аглутинација (слепување) на еритроцитите од други луѓе. Се работи за две специфични материи кои ги нарекол аглутиногени (А и Б). Истоимените аглутиногени и аглутинини (А и α и Б и β) реагираат меѓусебно на принципот на кој реагираат антигените и антителата. Аглутиногените ги имаат својствата на антигените, а аглутинитите на антителата.

·         Откривање на Rh факторот
            Во 1940 бил откриен дополнителен антиген фактор, денес познат како Rh– фактор. Резус факторот го откриле Ландштајнер и Винер. Тие еритроцитите од мајмунот што му припаѓа на видот macaus rezus ги внеле во крвта на зајакот. Серумот од овие зајаци врши аглутинација кај овој вид мајмуни, а исто и кај 85% од луѓето.
Кај 15% од испитуваните луѓе не дошло до аглутинација. На тој начин, кај поголем процент луѓе е откриено постоење на нов антиген, Rh фактор, според името на мајмунскиот вид кај кој за првпат бил откриен. За  луѓе кои во своите еритроцити го поседуваат овој фактор велиме дека се резус-позитивни (Rh+), а за оние кај кои овој фактор недостасува резус-негативни (Rh-).
            Овој антиген може, а и не мора да биде присутен. Ова е како резултат на присуството или отсуството на еден ген. Присуството на антигенот се испитува со додавање на вештачки добиени антитела во мешавина од еритроцитите на пациентот. Доколку се образуваат грутки, тогаш се присутни антитела на еритроцитите. Оваа крв се нарекува Rh позитивна. Доколку не е присутен антиген (клетките не се згрутчуваат), овој крвен тип го означуваме како Rh негативен.
            Ова довело до промена на номенклатурата на крвните групи и денес се познати како 0, А, Б, АБ позитивни или негативни. Досега се откриени уште неколку помалку значајни разлики во антигените, но многу од нив не предизвикуваат проблеми при трансфузијата.
            Меѓу Rh антигенот и А и Б антигените постојат некои сличности и разлики. Заедничко им е тоа што сите се наоѓаат во еритроцитите и што имаат антигени својства, всушност внесени во организмот за кој тие претставуваат туѓа материја, предизвикуваат сензибилизација и создавање на специфични антитела. Разликата се состои во тоа што не постојат природни антитела за овој антиген. Присуството на овој антиген не не зависи ниту од полот ниту од возраста.

Крвта како течно ткиво


Крвта претставува течно ткиво кое се наоѓа во крвните садови и со помош на срцевата работа циркулира низ целото тело, со што го овозможува животот на клетката, со помош на нејзините функции: нутритивна, регулаторна, екскреторна и одбрамбена функција. Крвта се состои од оформени крвни клетки (еритроцити, леукоцити и тромбоцити) и крвна плазма. Една дваесетина од телесната тежина отпаѓа на крвта, така што човек од 70 кг. има околу 5,5 литри крв.
            Ако загуби човек, на кој било начин, големо количество крв (1/3 – 1/2 од вкупната крв) тешко може да ја надомести. Неговиот живот е загрозен. Загубената крв може да се надомести само со крв од друг човек. Дали повредениот ќе ја преживее траумата зависи од  доволното количество на крв дадено по несреќата, или за, или после оперативниот зафат, отколку од самиот оперативен зафат.  Заради тоа секое хируршко одделение е преокупирано и со набавка на доволно количество крв, кое го овозможува нормалното работење на одделението, со една единствена цел, да му се помогне на болниот.
            Набавувањето на крв се врши по пат на крводарителски акции. Крводарител може да биде секој здрав човек со наполнети 18 години.
            Давањето на крв од еден човек на друг се вика трансфузија на крв. Обиди за трансфузија биле правени одамна, но настанувале многу инциденти., честопати со фатале     н завршеток, се до оној момент додека не се дошло до сознание дека луѓето немаат еднаква врста на крв и не е така безопасно да се внесува крвта од еден во циркулацијата на друг човек. Тоа се овозможило со откривањето на крвните групи. Откривањето на крвните групи и разработка на безбедни методи за трансфузија на крв е најголемото достигнување на медицината во XX век , кое го овозможува развитокот на современата-модерна хирургија.