Friday, May 17, 2013

Компатибилност за трансфузија на крв


Трансфузија на крв претставува давање на крв од еден човек на друг. Може да биде директна (кога крвта од дарителот директно се преточува во циркулаторниот систем на примателот) или индиректна (кога се користи конзервирана крв добиена обично од доброволни дарители).
            Резус факторот (антиген кој се наоѓа на површината на еритроцитите), заедно со А и B антигените, ја сочинуваат главната шема која се користи во класификацијата на крвта според нејзината компатибилност за трансфузија.
            Единките со AB крвна група ги поседуваат и двата антигена (А и В) на мембраната на нивните еритроцити, и нивниот крвен серум не содржи антитела кои би се бореле против А или В антигенот. Според ова, единка со АВ крвна група може да прима крв од било која друга крвна група (преферирајќи АВ), но може да дава крв само на единки со АВ крвна група.
            Единките со А крвна група го имаат само А антигенот на мембраната на еритроцитите. Нивниот крвен серум содржи IgM антитела кои дејствуваат (т.е. се борат) против В антигенот. Според ова, единка со А крвна група може да прима крв само од единки со А или О крвна група (преферирајќи А крвна група), а може да дава крв само на единки со А или АВ крвна група.
            Единките со В крвна група го поседуваат В антигенот на мембраната на нивните еритроцити. Нивниот крвен серум содржи IgM антитела против А антигенот. Според ова, единка со В крвна група може да прима крв само од единки со В или О крвна група (преферирајќи В), а може да дава крв само на единки со В или АВ крвна група.
            Единките со О крвна група (која кај нас и во некои други држави се означува како нулта, а во други со буквата О) ги немаат А и В антигените на мембраната на еритроцитите, но нивниот крвен серум содржи IgM анти-А антитела и анти-В антитела кои дејствуваат против А и В антигените. Според ова, единка со О крвна група може да прима крв само од единки со О крвна група, а може да дава крв на сите останати крвни групи (А, В, О или АВ).
            Доколку при трансфузијата Rh негативно лице прими Rh позитивна крв, тоа ќе се сензибилира од Rh антигенот и ќе започне да продуцира Rh антитела (антирезус-аглитинини). При повторна трансфузија на Rh позитивна крв ќе настане аглутинација на внесените еритроцити од страна на антителата создадени со претходната трансфузија на крв.    

No comments:

Post a Comment